Цела земја е една мирислива билна аптека, а тоа го овозможуваат сонцето и прекрасната клима. Македонските полиња имаат во себе здравје и енергија, скапоцени за нашиот народ. Со зачините и зачинските билки ги менуваме мирисот, вкусот и бојата на јадењата. Зачините ги прават препознатливи националните и регионалните кујни. Во минатото биле привилегија само на богатите кои овие ароматични тревки ги плаќале со свила и злато.
Зачините имаат и психолошки својства, го подигаат расположението, го поправаат карактерот, не само на јадењето туку и и на личноста која го консумира. Лутите зачини не само што го загреваат телото, туку ја греат и, душата. Некои луѓе велат дека ја поттикнуваат љубовта (тоа е поради афродизијачките својства), дека имаат магични својства (ароматични материи) итн.
Зачините немаат готово никаква калориска вредност, така да можат да се користат за да се оплемени безвкусната диетална храна. Многу од нив, поради влијанието врз метаболизмот, во колку се конзумираат во правилни количини, се лековити.
Магданос, најпозната и најмногу користена зачинска билка со многу разноврсна примена. Може да се користи практично во сите јадења. Најдобро е кога се додава на крај од припремата на јадењето или како декорација за да се зачуваат сите лековити својства. Магданосот е богат со витамин А, Б1, Б2, Ц и Е. Магдоносот е концентриран извор на многу фитонутриенти како испарливи масла (миристицин, лимонен, еугенол) кои што помагаат при неутрализација на oдредени канцерогени како бензопиренот кој што се наоѓа во чадот од цигарите и во чадот од скарата на јаглен. Другиот вид активни фитоматерии во магдоносот се магдоносовите биофлавоноиди (најзначаен е лутеолинот) кои функционираат како антиоксиданси и го спречуваат оштетувањето на клетките со кислород.
Босилекот низ минатото се сметал за симбол на љубовта, знак на добредојде и пасош кој што им помагал на заболените да влезат во рајот. Босилекот како и останатите членови на семејството на нането е ценет по своите медицински квалитети како помош во дигестивното варење и како антибактериско сретство. Босилекот содржи флавоноиди како ориентинот и виценинот, за кои е откриено дека ги штитат структурите на клетките и хромозомите од радијација и оштетување од кислород. Босилекот го спречува растот на голем број патогени бактерии како Echerichia coli и Staphylococcus aureus. Се смета дека причината за тие антимикробни активности се испарливите масла, како еугенoлот, мирценот, лимоненот и други. Босилекот има против воспалителен ефект, а исто така е концентриран извор на железо кое произведува енергија, калциум кој ги гради коските, калиум, магнезиум и влакна за здраво срце и витамин А, витамин Ц и манган кои ги отстрануваат слободните радикали.
Листот на босилокот свеж или исушен, се употребува за салати, супи, јадења со зеленчук особено со домат, за сосови и преливи. Кај варените јадења се додава пред крај поради вкусот кој е поизразен. Босилокот смирува, опушта и успива. Го поттикнува лачењето на стомачните сокови со што го забрзува варењето и го подобрува апетитот.
Жалфијата е ароматична билка со пријатен мирис и помалку горчлив вкус. Се користи како додаток на сосови, јадења од јагнешко и свинско месо. Жалфијата се смета за една од најлековитите билки. Еден од најголемите детоксикатори на организмот, ја прочистува крвта, го подобрува варењето, ја намалува температурата, ја ублажува главоболката и нервната напнатост, има антисептичко дејство.
Копарот е медитеранска билка, кој се става во салати, сосови.. Го олеснува варењето и го поттикнува апетитот.
Рузмаринот се смета дека го стимулира и зајакнува помнењето. Во античка Грција, учениците ставале гранчиња рузмарин во својата коса додека учеле за своите испити. Единствениот миризлив вкус на рузмаринот, кој што е сличен на борот, урамнотежен со богата лутина, е незаборавен. Традиционалната употреба на рузмаринот за стимулирање и зајакнување на помнењето денес е подржана од истражувачките студии кои што откриле дека вдишувањето на неговите испарливи масла кои што му го даваат впечатливиот мирис помагаат во подобрување на сеќавањето и зголемување на будноста. Откриено е дека рузмаринот и неговите фитонутриенти ја зголемуваат активноста на ензимите на црниот дроб, кои што се одговорни за хемикалиите за метаболизирање и детоксикација.
Мајчината душичка се карактеризира со антисептички и конзервирачки својства кои што биле познати уште од стариот Египет кога била користена како една од состојките за балсамирање на телата. Грците мирисот на мајчина душичка бил елегантен начин за почитување на личноста, додека пак римските војници се капеле во вода со мајчина душичка за да добијат сила. Истражувањата покажале дека флавоноидите, метилкавиколот и тимолот имаат позитивно дејство на опуштање на мускулите. Поради тоа оваа билка се користи како сретство за ублажување на гастро-тестиналните тегоби како што се повраќање, надуеност, грчеви во желудникот, забавено варење на храната. Мајчината душичка е јак антисептик поради што се користи за третман на сите видови инфекции (вирусни, бактериски и габични). Маслото од мајчина душичка се користи во случај на мозочен удар, мултиплекс склероза, атрогфија на мускулите, ревматизам и друго. Благотворно делува на нервниот систем, опушта и ја смирува напнатоста и нервозата, при тоа овозможувајќи мирен сон.
Нането, или мента, се смета за едно од најблагородните билки. Во природни услови растат повеќе видови нане. Во нашето поднебје има барем пет или шест вида. Најчесто се одгледува како хибридна сорта. Од овие хибридни сорти е најпознато питомото нане.
Нането е повеќегодишна билка, расте како дива и питома, се одгледува во градините. Со дестилација на водна пареа, од надземните делови на билката и во зависност од видот се добиваат етерични масла. Овие масла се лековити и служат за отстранување препреки во стомачната секреција и моторика, но и за многу други тегоби.
Од етеричните масла се подготвува лековита вода, се прави додаток за прашок за заби и за низа козметички препарати и има широка примена во кондиторската индустрија. Од нането се добиваат и антисептични средства. Познато е дека препарати од нане ги олеснуваат ревматските болки, забоболка и се зачински додаток, применет во прехранбената индустрија. Нането се употребува како пријатен, благ и не штетен лек за смирување или при тешко варење на храната. Со чај од нане се лечат болести на жолчката, се употребува против мачнини, се смета дека го смирува целокупниот нервен систем, дејствува поволно против растројства, главоболка, зуење во ушите. Нането се користи и против грчеви во желудникот, го поттикнува крвотокот, го смирува кашлањето.
Нането има честа употреба во кулинарството. Иако не се користи претерано заради своите силни ароматски особености, тоа им дава карактер на јадењата. Во некои кујни сосот од нане е задолжителен за печено јагнешко и телешко месо, а желето од нане се јаде со грашок и компири. Тоа се познатите минт-сос и желе. Се става во овошни салати од јаболка и грозје. Кај нас нането е неодминливо во гравот во сите форми. Но нането е особено присутно во коктели, од него се прави и концентрат за сокови и освежителни пијалаци. Се ароматизираат ликери, слатки. Ледениот чај од нане не само што е лековит, туку е и многу освежителен за време на жешките летни денови.
Зачинските билки и зачините веќе илјадници години се се почитуван фактор во кулинарските традиции, не само поради вкусот туку и поради нивните исцелителни својства. Потребно е да се додаде само мала количина зачински билки и обичното јадење да се претвори во извонредно, и според вкус и според хранливост.