Природните ресурси или природните извори претставуваат природни добра кои што човекот ги користи за своите потреби. Со преработка на природните ресурси се добиваат различни производи. Природните ресурси се делат на обновливи и необновливи. Во обновливи ресурси спаѓаат ресурсите кои што имаат способност за регенерација (шуми, води, рибен фонд). Меѓутоа доколку тие побрзо се експлоатираат отколку што се обновуваат, доаѓа до нивно исцрпување. Од друга страна необновливите природни ресурси (минералните суровини, нафтата не можат да се обноват во природата, односно доаѓа до нивно крајно исцрпување. Одржливо користење на природните ресурси подразбира нивно планирано, рационално користење така да не доаѓа до нарушување на природните екосистеми и оневозможување овие природни ресурси да ги користат идните генерации.
Водата како најосновна животна материја има есенцијално значење за живиот свет, екосистемите и планетата Земја. Молекулите вода претставуваат течност која што е драгоцена за растворање и транспорт на материите како низ екосистемите, така и низ организмот. Во организмот водата е идеална средина за одвивање на процесите неопходни за нормално функционирање. Покрај улогата која што водата ја има за одржување на животните функции, за човекот таа има голема улога како извор на енергија и суровина, се користи за хигиенски цели, во земјоделието, во сообраќајот, за риболов и рекреација.